12 Ноември - Светски ден на борба против пневмонија
Објавувањето на новата стратегија се совпаѓа со првиот Светски ден на борба против пневмонијата. Таа во светски рамки е причина број еден за смртност меѓу децата. Секоја година од болеста умираат речиси два милиона деца под пет годишна возраст.
Агенциите на ОН велат дека пневмонијата е причина за смрт на едно на секои четири деца, што е повеќе споредено со смртноста причинета од вирусот ХИВ и СИДА-та, маларијата и сипаниците заедно. Деца умираат од пневмонија на секои 15 секунди, а преку 98 проценти од овие случаи се појавуваат во 68 земји во развој.
СЗО и УНИЦЕФ велат дека знаат како може да се спречи смртноста од оваа болест. Средствата се на располагање, велат од овие агенции, само треба да се имплементираат.
Агенциите предлагаат Глобален акционен план што опфаќа заштита, превенција и третман на децата болни од пневмонија.
Во делот на заштита, вишиот советник за здравство во УНИЦЕФ, Ен Голаз, вели дека хранливи оброци, а особено доењето, е од суштинско значење за подобрување на имунитетот на децата.
„Децата кои се неухранети или кои не се доени во првите шест месеци од животот, се изложени на поголем ризик да заболат од пневмонија и други болести“, вели Голаз.
Шамим Кази од Светската здравствена организација е експерт за пневмонија. Тој вели дека кога станува збор за превенција, вакцинацијата е најважната интервенција против болестите што ја причинуваат пневмонијата, како силната кашлица и сипаниците.
„Потоа, доколку детето се разболе од пневмонија, на овие деца можеме да им препишеме антибиотици што не се скапи, како и да понудиме методологија на општинско ниво или на ниво на здравствената установа, зависно од сериозноста на болеста. Во моментов овие мерки не се најсоодветно применети во светот“, вели Кази.
Д-р Кази додава дека Глобалниот акционен план има за цел да опфати 90 проценти од сите релевантни вакцини.
Агенциите за здравство на ОН велат дека за имплементација на предложените мерки во 68 земји во равој, во наредните шест години, ќе бидат потребни околу 39 милијарди долари.
Иако ова звучи скапо, агенциите додаваат дека користа од тие пари е многу поголема - до 2015 година на тој начин би се намалила смртноста од пневмонија кај децата за 65 проценти.
Ноември 2017
Преземено од: http://www.who.int/
Подготвил: Д-р Петар Пецев