Јавната здравствена установа Центар за јавно здравје Струмица е една од најстарите здравствени институции во Република Македонија, која што успешно функционира со помош на професионалноста и посветеноста на вработените во својот состав. Установата функцонира на територијата на Општина Струмица, Валандово, Босилово, Василево, Ново Село, вклучуваќи ги и околните села.
Центарот за јавно здравје Струмица, како дел од здравствениот систем во Република Македонија, од областа на превентина медицина, има за цел да обезбеди заштита и унапредување на здравјето на луѓето, преку преземање мерки и активности за спречување и сузбивање на заболувањата кај населението. Тие мерки и активности опфаќаат следење, истражување и проучување на здравствената состојба на населението, причините за појавата и ширењето на заразните и други болести што имаат социјално - медицинско значење, како и влијанието на негативните фактори врз здравјето, предлагање и преземање на мерки заради заштита и унапредување на здравјето на луѓето.
Со Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита, од 29 мај, 2009 година, установата го доби сегашното име - Центар за Јавно Здравје Струмица. Согласно Законот за здравствена заштита ЦЈЗ Струмица ја следи, истражува и проучува здравствената состојба на населението, причините за појавата и ширењето на заразните и другите болести од социјално-медицинско значање, како и влијанието на еколошките фактори врз здравјето. Предлага и превзема мерки заради заштита и унапредување на здравјето на луѓето на целата територијата на подрачјето на Градот Струмица.
Во Програмата за превентивна здравствена заштита на ЦЈЗ Струмица од 2009 година утврдени се видот на задачите и активностите, содржината, обемот и роковите за нивно извршување како и финансиските средства потребни за нивна реализација. Исто така со овие мерки, задачи и активности се обезбедува и спроведување на одредбите на поголем број на закони, со кои се регулираат прашањата за следење, истражување и проучување на здравствената состојба на населението, причините за појавата и ширењето на заразните и други болести, што имаат посебно социјално-медицинско значење и задачите и активностите поврзани со влијанието на еколошките фактори врз здравјето на луѓето, како и негово унапредување.