Денес, светското население е над 7 милијарди луѓе. Повеќе од една милијарда луѓе, или приближно 15% од светското население, живеат со некаква форма на попреченост. 80% живеат во земјите во развој, додека 50% од лицата со посебни потреби не можат да си дозволат здравствена заштита.
Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби е ден кој беше промовиран од страна на Обединетите нации во 1992 година. Целта на овој ден е да се зголеми свеста за подобро разбирање на луѓето кои се засегнати од некаков хендикеп, поттик на луѓето да бидат посвесни за правата, достоинството и благосостојбата на лицата со посебни потреби, како и да се подигне свеста за придобивките од интегрирањето на лицата со посебни потреби во секој аспект од животот, од економски, политички, социјален и културен. Денот на лицата со посебни потреби не опфаќа само ментален или физички хендикеп, туку многу пошироко, од аутизам, Даунов синдром, мултиплекс склероза и др.
Секоја година од 1992 година па наваму, во многу земји се одржуваат различни настани. Денот на лицата со посебни потреби се користи за одржување на дебати, форуми и кампањи кои се однесуваат на попреченоста, а заедниците се охрабруваат да организираат средби, разговори, па дури и настапи и трибини во нивната локална средина. Активностите може да бидат најразлични, а во нив да бидат вклучени лицата со посебни потреби. Главната цел на овие настани е да им се покаже на сите луѓе дека лице со некаква попреченост може да биде активен член на општеството, бидејќи често се случува да бидат дискриминирани од страна на поединци и на самото општество.
Оваа година, Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби се одбележува под мотото “Охрабрување на лицата со посебни потреби и обезбедување инклузивност и еднаквост”.
Темата оваа година се фокусира на обезбедување на инклузивен, правичен и одржлив развој на лицата со посебни потреби како дел од Програмата за одржлив развој од 2030 година.
Лицата со посебни потреби нагласуваат дека имаат потреба за поголема здравствена заштита од лицата без посебни потреби. Активностите за унапредување на здравјето и превенцијата ретко се однесуваат на лицата со попреченост. На пример, жените со посебни потреби добиваат помалку скрининг за рак на дојка и грлото на матката отколку жените без попреченост. Луѓето со интелектуална попреченост и дијабетес имаат помала веројатност да ја проверат нивната тежина. Адолесцентите и возрасните лица со попреченост се со поголема веројатност да бидат исклучени од програмите за сексуално образование.
Нашата држава постојано инвестира во конкретни програми за овие лица и го промовира пристапот до услугите. Но, кога се креираат овие политики и програми треба да се обезбеди активно вклучување на лицата со посебни потреби бидејќи од нив најдобро можеме да осознаеме кои се нивните реални потреби.
Оваа година, донесени се измени и дополнувања на Законот за заштита на децата. Со измените е предвидено зголемување на корисниците на право на посебен додаток за дете со специфични потреби коешто има пречки во телесниот или менталниот развој или комбинирани пречки во развојот до 26 години. Освен зголемувањето на сумата за посебен додаток овие лица ќе бидат и здравствено осигурани, ако не се осигурани согласно со Закон
Овие закони, програми и активности треба да се издржани, постојано да се работи на подобрување на здравствената заштита кога станува збор за лицата со посебни потреби, да се работи на инклузивно образование кое ќе ги вклучи и децата со посебни потреби, да им се овозможи на овие лица со пречки во развојот кои можат да работат, да се отворат повеќе работни задруги, да им се обезбеди соодветна обука на тие лица доколку е потребна.
Сите граѓани треба да помагаат во вклучувањето на лицата со посебни потреби во секојневниот живот, без разлика дали е тоа највисок степен на здравствена заштита или помош на лице со хендикеп за да ја премине улицата, да се качи во автобус и слично.
Декември, 2018
Текстот е превземен од: http://www.iph.mk/3-dekemvri-megunaroden-den-na-licata-so-posebni-potrebi-2/