ЈАНУАРИ - МЕСЕЦ НА ПОДИГАЊЕ НА СВЕСНОСТА ОД РАК НА ГРЛО НА МАТКА
“Учи, превенирај, направи скрининг”
На глобално ниво, ракот на грлото на матката е четвртиот најчест рак кај жените, со 604.000 нови случаи во 2020 година. Околу 90% од 342.000 смртни случаи предизвикани од рак на грлото на матката се случиле во земјите со низок и среден приход. Регионалните разлики во оптоварувањето со рак на грлото на матката се поврзани со нееднаквостите во пристапот до услугите за вакцинација, скрининг и третман, факторите на ризик, вклучувајќи преваленца на ХИВ, и социјалните и економските детерминанти како што се полот, родовите предрасуди и сиромаштијата.
Кога ќе се дијагностицира, ракот на грлото на матката е една од најуспешно излечливите форми на рак, доколку се открие рано и ефикасно се управува. Ракот дијагностициран во доцните фази, исто така, може да се контролира со соодветен третман и палијативна нега.
Со сеопфатен пристап за превенција, преглед и лекување, ракот на грлото на матката може да се елиминира како јавно здравствен проблем во рок од една генерација.
Оваа година, месецот за подигање на свеста за ракот на грлото на матката, се одбележува под мотото “Учи, превенирај, направи скрининг”. Темата ја нагласува потребата од едукација на луѓето со цел минимизирање на ризиците од рак на грлото на матката и важноста на редовните скрининг за спасување на животот.
Според податоците на Институтот за јавно здравје, карциномот на грлото на матката e шестиот најчест карцином кај жените во РСМ во последните 10 години, со инциденца од 17.57/100 000 и просек од 51 смртни случаи годишно.
Табела 1. Нови случаи и смртност од карцином на грло на матка во последните 10 години во Република Северна Македонија.
Извор: Извештај за рак во Република Северна Македонија
Општо е познато дека најважната причина за цервикалниот карцином е перзистентната инфекција со папилома вирусот. Хуманиот папилома вирус (ХПВ) е откриен кај 99% од туморите на грлото на матката, особено онкогените или високоризичните поттипови, како што се ХПВ 16 и 18.
Покрај инфекцијата со ХПВ вирусот, постојат и други ризик фактори за појава на карцином на грло на матка, како:
- Генетски фактори
- Пушење
- Инфекција со ХИВ, Хламидија, Херпес, Гонореа
- Рана возраст на прв сексуален однос
- Повеќе сексуални односи
- Партнер, со повеќе претходни сексуални партнерки
- Хронична имуносупресија
Раниот цервикален карцином е често асимптоматски, додека локално напредната болест може да предизвика симптоми, како што се абнормално вагинално крвавење, како и посткоитално крвавење, диспареунија, лачење секрет, болки во карлицата.
Како можеме да се заштитиме?
- Откажете се од пушење – токсините од чадот од тутун може да го ослабат имунолошкиот систем на телото и да ја оштетат клеточната ДНК.
- Исхрана - јадете храна богата со антиоксиданси а избегнувајте големи количии на заситени и транс масти, шеќер и натриум
- Вежбајте редовно – вежбањето од најмалку 30 минути дневно може да помогне во спречување на рак на грло на матката
- Ограничете го бројот на сексуални партнери
- Вршете редовни гинеколошки прегледи
Медицинско иследување со кое се докажува присуство на абнормални клетки во грлото на матката е познато како ПАП-тест кој претставува златен стандард и ефикасен начин за откривање рак на грлото на матката во најраните фази. Доколку редовно се извршува на две години, појавата на рак на грлото на матката може да се намали и до десет пати.
Доколку резултатите од ПАП-тестот се сомнителни, за конечна дијагноза задолжително е правење биопсија од грлото на матката. Биопсија е метода со која се зема парче ткиво, во случајов од грлото на матката, и под микроскоп се анализира земениот примерок. Најпрактичен и сеопфатен метод за превенција и рана детекција на карциномот на грло на матка е преку скрининг програмата.
Организираниот скрининг за превенција и рано откривање на ракот на грлото на матката е активност што се спроведува во повеќе држави со цел да се намали инциденцата и смртноста на жените од рак на грлото на матката. Оправданоста на спроведувањето на оваа програма се потврдува со фактот што секоја година се откриваат случаи на рак на грло на матка кај жени кои немале никакви знаци на болеста.
За успешно спроведена скрининг превенција се смета доколку во период од три години се опфатат 75% од целната популација на жени. Возрасната група на жени е од 21 до 59 години кои во последните три години не направиле пап тест.
Како се организира скрининг во Република Северна Македонија?
Гинеколошките ординации ги покануваат жените да се вклучат во организираниот скрининг, вршат преглед со земање на материјал за ПАП тест за возрасна група од 21-59 години кои во последните три години не направиле тест и кои изразиле интерес во рамки на апликацијата креирана од Мој Термин, вршат доставување на материјалот за цитолошка анализа и ги известуваат жените за резултатот од ПАП тестот. Согласно Програмата за рана детекција и скрининг во 2024 ќе се изготви годишен извештај за резултатите од скрининг програмата во 2023 година кој треба да биде објавен најдоцна до јуни и достапен за јавноста.
Според податоците на Институтот за јавно здравје,во 2022 година биле реализирани вкупно 12.769 прегледи во рамки на скринингот за рак на грлото на матката, а од тие лабораториски биле анализирани 9031. Најголем број од жените кои го реализирале прегледот биле на возраст од 40-44 години,односно 6463 со што биле опфатени 10% од вкупното женско население на таа возраст во државата. Во возрасната група 35-39 биле реализирани 4744 прегледи, односно 7,51% од вкупниот број жени на таа возраст и на возраст од 45-47 биле реализирани 1562 прегледи, иако програмата се однесуваше на жени до 44 години. Позитивно е што мал број на жените кои биле опфатени со скринингот програмата имале присутен ризик фактор, односно под 4%, а од позитивните наоди, најголем дел од нив се интраепителни лезии од низок степен
ЈЗУ Центар за јавно здравје - Струмица
Служба за Социјална медицина и јавно здравје
Д-р Петар Пецев - Спец. по Социјална медицина и јавно здравје