Светскиот ден на ракот има за цел да спречи милиони смртни случаи секоја година преку подигање на свеста и едукација за канцерот со влијание врз владите и поединците ширум светот да преземат акција против оваа болест.
Овој светски ден на ракот, препознаваме дека нашата заложба за дејствување ќе доведе до силен напредок во намалување на глобалното влијание на канцерот.
Значи, овој 4 февруари кој и да си, твоите постапки – големи и мали – ќе направат трајна, позитивна промена. Бидејќи, напредокот е можен.
Потребна ни е твојата посветеност да создадеме свет без канцер.
Овој светски ден на ракот, кој си и што ќе правиш?
Тема: 2019 – 2021 година
2020 година е средината на 3-годишната кампања „Јас сум и Јас ќе“.
„Јас сум и Јас ќе “е моќен повик за акција повикувајќи на лична обврска и ја претставува моќта на индивидуалните активности преземени сега да влијаат врз иднината.
Канцер
Колку повеќе знаеме за ракот, толку повеќе животи можеме да спасиме.
Што е канцер?
Пристапот до информации и знаење за канцер може да нè поттикне сите.
Клучни факти за канцер
- 9,6 милиони луѓе умираат од рак секоја година.
- Најмалку една третина од честите форми на рак може да се спречат.
- Ракот е втората водечка причина за смрт во светот.
- 70% од смртните случаи од рак се јавуваат во земјите со низок и среден приход.
- До 3,7 милиони животи може да се спасат секоја година со спроведување на соодветни стратегии за превенција, рано откривање и третман.
- Вкупната годишна потрошувачка за ракот се проценува на 1,16 трилиони американски долари.
Што е канцер?
Ракот е болест која се јавува кога промените во групата нормални клетки во организмот доведуваат до неконтролиран, абнормален раст, формирајќи грутка наречена тумор; ова важи за сите видови на рак, освен леукемија (канцер на крвта). Доколку не се лекуваат, туморите можат да растат и да се шират во околното нормално ткиво, или во други делови на телото преку крвотокот и лимфниот систем и можат да ги нападнат дигестивниот, нервниот и циркулаторниот систем или да ослободат хормони кои можат да влијаат на функции на телото.
Туморите можат да се поделат во три групи: бенигни, малигни и преканцерози
Бенигните тумори не се канцерозни промени и ретко го загрозуваат животот. Тие имаат тенденција да растат доста бавно, не се шират на други делови од телото и обично се составени од клетки доста слични на нормалните или здравите клетки. Тие ќе предизвикаат проблем само ако порастат многу големи, правејќи притисок на други органи – на пример тумор на мозокот прави притисок во внатрешноста на черепот.
Малигните тумори побрзо растат од бенигните тумори и имаат способност да се шират и да го уништуваат соседното ткиво. Клетките на малигни тумори можат да се откинат од главниот (примарен) тумор и да се шират на други делови од телото преку процес познат како метастазирање. По напаѓањето на здравото ткиво на новата локација, тие продолжуваат да се делат и растат. Овие секундарни места се познати како метастази, а состојбата се нарекува метастатски канцер.
Преканцероза (или премалигнитет) ја опишува состојбата што вклучува абнормални клетки кои може (или веројатно) ќе се развијат во канцер.
Видови на канцери
Ракот може да се класифицира според видот на клетката од каде започнува. Постојат пет главни типа:
Карцином – канцер што настанува од епителните клетки. Карциномите може да ги нападнат околните ткива и органи и да метастазираат во лимфните јазли и другите делови на телото. Најчестите форми на канцер во оваа група се канцер на дојка, простата, бели дробови и дебело црево.
Сарком – Вид на малиген тумор на коските или мекото ткиво (масно ткиво, мускули, крвни садови, нерви и други сврзни ткива кои ги поддржуваат и опкружуваат органите). Најчестите форми на сарком се леомиосарком, липосарком и остеосарком.
Лимфом и миелом – лимфом и миелом се канцери кои започнуваат во клетките на имунолошкиот систем. Лимфомот е канцер на лимфниот систем, кој поминува низ целото тело, и затоа може да се појави насекаде. Миеломот (или мултипли миелом) започнува во плазма клетките, еден вид бели крвни клетки кои произведуваат антитела за да помогнат во борбата против инфекцијата. Овој канцер може да влијае на способноста на клетката ефикасно да произведува антитела.
Леукемија – леукемија е канцер на белите крвни клетки и коскената срцевина, ткиво што ги произведува крвните клетки. Постојат неколку подтипови; чести се лимфоцитна леукемија и хронична лимфоцитна леукемија.
Рак на мозокот и ‘рбетниот мозок - овие се познати како канцери на централниот нервен систем. Некои се бенигни, додека други можат да растат и да се шират.
Причини за рак
Како и многу други болести, повеќето канцери се резултат на изложеност на различни ризик фактори. Важно е да се запамети дека, додека некои ризик фактори не може да бидат изменети, околу една третина од случаите на канцер може да се спречат со промена на ризичното однесување и неправилната исхрана.
Фактори на ризик кои може да се менуваат се:
Алкохол – Доказите дека сите видови алкохолни пијалоци се причина за голем број случаи на рак, сега се посилни од кога било досега. Алкохолот може да го зголеми ризикот од одредени видови на рак, вклучувајќи ги ракот на цревата (колоректален), дојките, устата, фаринксот и гркланот (устата и грлото), езофагусот, црниот дроб и желудникот [1]. Доказите сугерираат дека воопшто, луѓето што многу консумираат алкохол имаат поголем ризик за многу видови на рак и дека дури и умерено внесување алкохол го зголемува ризикот од канцер.
Прекумерна тежина или дебелина – прекумерната тежина е поврзана со зголемениот ризик од развој на 12 различни видови на рак, вклучувајќи рак на црева и панкреас. Во принцип, поголемо зголемување на телесната тежина, особено кај возрасните, е поврзано со поголем ризик од канцер.
Исхрана - Експертите сугерираат дека исхраната, особено исхрана богата со црвено месо, преработено месо, солената храна и мали количини на овошје и зеленчук имаат влијание врз ризикот од канцер, особено на колоректум, назофаринкс и желудник [2], [3], [4].
Физичка активност – редовната физичка активност не само што помага да се намали вишокот на телесни масти и ризиците од канцер поврзани со вишокот телесни масти, туку физичката активност може да помогне да се намалат ризиците од развој на канцер на дебелото црево, дојка и ендометриален канцер [5].
Тутун - Чадот од тутун содржи најмалку 80 различни супстанции што предизвикуваат рак (канцерогени агенси). Кога се вдишува чад, хемикалиите влегуваат во белите дробови, поминуваат во крвотокот и се пренесуваат низ целото тело [6]. Ова е причината зошто пушењето или џвакањето тутун не само што предизвикува рак на белите дробови и уста, туку е исто така поврзано со рак на други органи. Колку подолго еден човек пуши и колку помлад почнува да пуши, толку повеќе се зголемува ризикот од канцер. Употребата на тутун е причина за околу 22% од смртните случаи од рак [7].
Јонизирачко зрачење – Канцер може да настане кај лица кои се изложени на јонизирачко зрачење од радон, х-зраци, гама зраци и други форми на високо-енергетско зрачење [8]. Продолжената и незаштитена изложеност на ултравиолетово зрачење од сонцето и солариумите, исто така, може да доведе до меланом и малигнитети на кожата. Луѓе со светла кожа, лица со многу младежи (бемки) или кои имаат семејна историја на меланом или рак на кожата, се со најголем ризик. Сепак, луѓето со сите бои на кожа можат да развијат канцер на кожата, вклучително и лица со потемна кожа [9].
Опасности на работно место – Некои луѓе на работното место може да бидат изложени на супстанции што предизвикуваат рак. На пример, откриено е дека работниците во индустријата за хемиски бои почесто заболуваат од рак на мочниот меур. Азбестот е добро познат причинител на канцер на работното место – особено канцер наречен мезотелиом, кој најчесто ја напаѓа обвивката на белите дробови.
Инфекција – Инфективните агенси се одговорни за околу 2,2 милиони смртни случаи од рак на годишно ниво [10]. Инфекција која е последица на вирус може да предизвика промени во клетките со што се зголемува веројатноста тие да станат канцерозни.
Околу 70% од канцерите на грлото на матката се предизвикани од инфекции со хуман папиломавирус (ХПВ) [11], додека канцерот на црниот дроб и не-Хочкин лимфом може да бидат предизвикани од вирусот на хепатитис Б и Ц [12], а лимфомите се поврзани со Еpstein-Barr вирус [13].
Бактериските инфекции не се сметале за предизвикувачи на рак во минатото, но поновите истражувања покажале дека луѓето кои имаат инфекција со хеликобактер пилори на желудникот, развиваат воспаление на слузницата на желудникот, што го зголемува ризикот од рак на желудникот.
Неменливи фактори на ризик се:
Возраст - Многу видови на канцер стануваат позастапени со возраста. Колку подолго живеат луѓето, толку е поголема изложеноста на канцерогени материи и има повеќе време да се случат генетски промени или мутации во нивните клетки.
Супстанции кои предизвикуваат канцер (канцерогени) – се супстанции кои го менуваат начинот на однесување на клетката, зголемувајќи ги шансите за развој на рак. Гените се кодираните пораки во клетката што и кажуваат како да се однесува (т.е. кои протеини да се направат), мутации или промени во генот, како што е оштетување или загуба, можат да го променат однесувањето на таа клетка, и со тоа станува поверојатно таа да биде канцерозна. [14 ]
Генетика – Некои луѓе за жал се родени со генетски наследен висок ризик за специфичен канцер (генетска предиспозиција). Ова не значи дека развојот на рак е загарантиран, но генетската предиспозиција ја зголемува веројатноста да се добие болеста.
На пример, жените кои носат гени на рак на дојка BRCA 1 и BRCA 2 имаат поголема предиспозиција за развој на оваа форма на канцер од жените со нормален ризик од канцер на дојка. Сепак, помалку од 5% од сите канцери на дојка се должат на гените. Значи, иако жените со еден од овие гени индивидуално се со поголема веројатност да развијат канцер на дојка, сепак повеќето случаи не се резултат на наследен висок ризик. Ова важи и за други видови на рак, кога некои луѓе имаат генетска предиспозиција – на пример, канцер на дебелото црево.
Имунолошки систем – Луѓето кои имаат ослабен имунолошки систем имаат поголем ризик од развој на некои видови на канцер. Ова вклучува луѓе кои имале трансплантација на органи и земаат лекови за да го потиснат (супримираат) нивниот имунолошки систем за да го спречи отфрлањето на органите, исто така луѓе кои имаат ХИВ или СИДА или други медицински состојби кои го намалуваат имунитетот.
Знаци и симптоми на канцер
Бидејќи има многу различни видови на рак, симптомите се разновидни и зависат од тоа каде се наоѓа болеста. Сепак, постојат неколку клучни знаци и симптоми на кои треба да се внимава, вклучувајќи:
Невообичаени грутки или оток – канцерозните грутки честопати се безболни и може да се зголемат при напредувањето на канцерот.
Кашлање, останување без здив или потешкотии при голтање – бидете свесни за постојани епизоди на кашлање, останување без здив или потешкотии при голтање.
Промени во столицата – како што се запек и дијареја и / или присуство на крв во столицата.
Неочекувано крварење – вклучува крварење од вагина, анус или крв пронајдена во столица, урина или при кашлање.
Необјаснето губење на тежината – необјаснето и ненамерно губење на тежината за краток временски период (неколку месеци).
Замор – чувство на екстремен замор и сериозен недостаток на енергија. Ако заморот е резултат на канцер, индивидуите обично имаат и други симптоми.
Болка – вклучува необјаснета, постојана или повремена болка.
Нов младеж или промени на стар младеж – побарај промени во големината, формата или бојата, дали има лушпа, крварење или исцедок.
Компликации при мокрење – вклучува потреба од итно мокрење, зачестено мокрење или пак неможност за мокрење кога има потреба или има болка при мокрење.
Невообичаени промени на дојките – побарај промени во големината, формата или чувството, промени на кожата и болка.
Губење на апетит – чувство на недостаток на апетит од вообичаеното во подолг временски период.
Рана или чир што не заздравува – вклучувајќи брунка, рана или чир на устата.
Жарење (печење) или проблеми со варење – постојано или болно жарење во
желудникот или проблеми со варењето.
Интензивни ноќни потења – бидете свесни за многу интензивни ноќни потења.
Превенција на канцерот
Повеќе од една третина од сите видови на рак може да се спречи со намалување на изложеноста на факторите на ризик, како што се тутун, дебелина, физичка неактивност, инфекции, алкохол, загадување на животната средина, професионални канцерогени материи и зрачење.
Превенцијата на канцер на црниот дроб и канцер на грлото на матката, може да биде ефективна и преку вакцинирање против вирусот на хепатитис Б (ХБВ) и хуман папилома вирус (ХПВ), соодветно.
Намалувањето на изложеноста на други канцерогени агенси, како што се загадувањето на животната средина, професионалните канцерогени материи и зрачењето, може да помогнат во спречувањето на појава на канцери.
Рано откривање на канцер
Постојат голем број на канцери кои можат рано да се откријат, што помага да се подобрат шансите за успешен исход од третманот, често со помали трошоци и со помалку (или помалку значајни) несакани ефекти кај пациентите. Постојат кост-ефективни тестови кои помагаат за рано откривање на колоректален канцер, канцер на дојка, канцер на цервикс и канцер на орална шуплина, а се развиваат тестови за рано откривање и на други видови на канцер.
Побарај од твојот лекар упатства со националните препораки во врска со вакцинирање, тестирање и скрининг. Овие може да се разликуваат од земја до земја.
Стадиуми на канцер
Класификацијата на ракот според анатомската распространетост на болеста, т.е. стадиум, е од суштинско значење за грижата за пациентите, истражувањето и контролата на ракот. Системот за одредување на стадиумот на ракот на Унијата за меѓународна контрола на канцер (Union for International Cancer Control – UICC) TNM класификацијата е вообичаена терминологија што ја користат здравствените професионалци од онкологија за да го одредат стадиумот на канцерот кај одделни пациенти. Откако стадиумот на канцерот е одреден и познат, тоа е основа за одлучување за соодветен третман и индивидуална прогноза. Може да се користи за информирање и евалуација на упатствата за третман и претставува значајна информација за креаторите на политики кои учествуваат во контрола на ракот, прават планови за превенција и истражување.
TNM класификацијата се фокусира на анатомската распространетост на туморот и се определува врз основа на проценка на следниве категории:
- Т ја опишува големината на главниот (примарен) тумор
- N опишува дали канцерот се раширил во блиските лимфни јазли
- М опишува дали канцерот е метастазиран (се проширил од примарниот тумор на друг дел од телото)
Лекување на канцерот
Третманот зависи од видот на ракот, примарната локализација на ракот, големината на ракот, дали е раширен и од општата здравствена состојба. Третманот може да биде: хируршки, хемотерапија, радиотерапија, хормонска терапија, имунотерапија и генетска терапија.
Преживување
Преживувањето се фокусира на здравјето и на физички, психолошки, социјални и економски проблеми кои влијаат врз луѓето по завршувањето на примарниот третман на канцерот, вклучувајќи ги и луѓето кои по завршувањето на третманот веќе немаат болест, луѓе кои продолжуваат да се лекуваат за да се намали ризикот од повторно враќање на канцерот и лицата со добро контролирана болест, кои примаат терапија за ракот како хронично заболување.
Грижата во периодот на преживување се однесува на проблемите поврзани со последователна нега, справување со доцните несакани ефекти од третманот, подобрување на квалитетот на животот и психолошкото и емоционалното здравје. Грижата во периодот на преживување вклучува и иден третман против рак, доколку е потребно. Членовите на семејството, пријателите и негувателите исто така треба да се сметаат како дел од процесот на преживување.
Палијативна нега
Палијативната нега се спроведува во целиот период на болеста на заболените од рак, од поставување на дијагноза, лекување, па се до крајот на животот и има за цел да им ги олесни симптомите и да го подобри квалитетот на животот на пациентите. Целта на палијативната грижа е да им ги намали болките и страдањата на заболените од рак, а исто така да ги намали и контролира несаканите ефекти од третманот на канцер. Кај некои пациенти со напреднат канцер палијативната грижа може да помогне да живеат подолго и попријатно, иако тие не можат да бидат излечени.