Тутун и болест на срце
Секоја година на 31 мај, Светската здравствена организација (СЗО) и партнерите го одбележуваат Светскиот ден без тутун, истакнувајќи ги здравствените и другите ризици кои што се поврзани со употребата на тутун и се залагаат за ефективни политики за намалување на потрошувачката на тутун.
Фокусот на овогодинешниот Светски ден без тутун е “Тутунот и болест на срце”. Кампањата ќе ја зголеми свеста за:
- врската помеѓу тутунот и срцето и другите кардиоваскуларни заболувања, вклучувајќи го и мозочниот удар, кои заедно се водечки причини за смрт во светот;
- остварливи акции и мерки кои клучните чинители, вклучувајќи ги и владите и јавноста, може да ги преземат за да ги намалат ризиците по здравјето на срцето предизвикани од тутунот.
Светскиот ден без тутун 2018 се поклопува со широк спектар на глобални иницијативи и можности насочени кон решавање на тутунската епидемија и нејзиното влијание на јавното здравје, особено во предизвикување на смрт и страдање на милиони луѓе на глобално ниво. Овие акции ги вклучуваат иницијативите поддржани од СЗО Глобални срца и Решавање, кои имаат за цел да ги намалат смртните случаи на кардиоваскуларни заболувања и да ја подобрат грижата, како и третиот состанок на Генералното собрание на Обединетите нации на високо ниво за превенција и контрола на незаразни болести, што ќе се одржи во 2018 година.
Како тутунот го загрозува срцевото здравје на луѓето ширум светот
Светскиот ден без тутун 2018 година ќе се фокусира на влијанието на тутунот врз кардиоваскуларното здравје на луѓето ширум светот.
Употребата на тутун е важен ризик фактор за развој на коронарна срцева болест, мозочен удар и периферна васкуларна болест.
И покрај тоа што е познато како тутунот влијае врз здравјето на срцето и достапноста на решенија за намалување на поврзаните смртни случаи и болести, познавањата на пошироката јавност за тоа дека тутунот е водечка причина за кардиоваскуларни болести е на ниско ниво.
Факти за тутунот, срцето и други кардиоваскуларни заболувања
Кардиоваскуларните болести (КВБ) убиваат повеќе луѓе од било која друга причина за смрт во целиот свет, а употребата на тутун и изложеноста на пасивно пушење придонесуваат за приближно 12% од сите смртни случаи кај срцеви заболувања. Употребата на тутун е втората водечка причина за КВБ, по високиот крвен притисок.
Глобалната тутунска епидемија убива повеќе од 7 милиони луѓе секоја година, од кои приближно 900 000 се непушачи кои умираат од изложеноста на пасивно пушење. Речиси 80% од повеќе од 1 милијарда пушачи во светот живеат во ниско и средно развиени земји, каде што товарот на болеста и смртта поврзана со тутунот е најтежок.
Мерките на Светската здравствена организација се во согласност со Рамковната конвенција на СЗО за контрола на тутунот и може да се користат од страна на владите за намалување на употребата на тутун и заштита на луѓето од незаразни болести. Овие мерки вклучуваат:
- Следење на политиките за употреба и превенција на тутун;
- Заштита на луѓето од изложеност на чад од тутун со создавање на затворени јавни места, работни места и јавен превоз во кои целосно нема да се пуши;
- Нудат помош за откажување од пушење (покривање на трошоците, поддршка на населението, овозможување на кратки совети од давателите на здравствени услуги и национални телефонски линии за откажување од пушење);
- Предупредување за опасностите од тутунот преку спроведување на стандардизирано пакување и / или големи графички предупредувања за здравјето на сите тутунски кутии и спроведување ефективни анти-тутунски масовни кампањи за медиуми кои ја информираат јавноста за штетата од употребата на тутун и изложеноста на чад од пасивното пушење.
- Спроведување на сеопфатни забрани за рекламирање, промоција и спонзорство за тутунот;
- Зголемување на даноците за тутунските производи и да се направат помалку достапни.
Цели на кампањата за Светскиот ден без тутун 2018 година
Светскиот ден без тутун 2018 има за цел:
- Потенцирање на врските помеѓу употребата на тутунски производи, срцето и други кардиоваскуларни заболувања.
- Зголемување на свеста на пошироката јавност за влијанието од употребата на тутунот и изложеноста на чад од пасивното пушење кое што го има врз кардиоваскуларното здравје.
- Обезбедување на можности за јавноста, владите и другите да преземат обврски за промовирање на срцевото здравје преку заштита на луѓето од употреба на тутунски производи.
- Поттикнување на земјите да го зајакнат спроведувањето на докажаните MPOWER мерки за контрола на тутунот, кои се содржани во Рамковната конвенција на СЗО за контрола на тутунот.
Клучни факти
- Тутунот убива повеќе од 7 милиони луѓе секоја година. Повеќе од 6 милиони од овие смртни случаи се резултат на директна употреба на тутун, додека околу 890 000 се резултат на тоа што непушачите се изложени на чад од пасивното пушење.
- Околу 80% од 1,1 милијарда пушачи во светот живеат во ниско и средно развиени земји.
Водечка причина за смрт, болест и осиромашување
Епидемијата на тутун е едно од најголемите закани за јавното здравје со кои се соочува светот, убивајќи повеќе од 7 милиони луѓе годишно. Повеќе од 6 милиони од овие смртни случаи се резултат на директна употреба на тутун, додека околу 890 000 се резултат на тоа што непушачите се изложени на чад од пасивното пушење.
Околу 80 отсто од 1,1 милијарда пушачи во светот живеат во земји со низок и среден приход, каде што товарот од болеста и смртта поврзана со тутунот е најтежок. Корисниците на тутунот кои умираат прерано ги лишат нивните семејства од приход, ги зголемуваат трошоците за здравствена заштита и го попречуваат економскиот развој.
Во некои земји, децата од сиромашните семејства често се вклучени во одгледување на тутунот, со цел да обезбедат семеен приход. Овие деца се особено ранливи на “зелената тутунска болест”, која е предизвикана од никотинот кој се апсорбира преку кожата од допирот на влажните листови од тутунот.
Надзорот е клучен
Добриот мониторинг го следи обемот и карактерот на епидемијата на тутун и укажува на тоа како најдобро да се прилагодат на политиките. Само 1 од 3 земји, што претставува 39% од светското население, ја следи употребата на тутун преку повторување на националните репрезентативни анкети за млади и возрасни најмалку еднаш на секои 5 години.
Пасивното пушење убива
Пасивното пушење е чадот кој што ги исполнува рестораните, канцелариите или другите затворени простори кога луѓето горат тутунски производи како што се цигари, рачно свиткани цигари (bidis) и наргиле. Постојат повеќе од 4000 хемикалии во тутунскиот чад, најмалку 250 од нив се познати како штетни, а повеќе од 50 се познати како предизвикувачи на рак.
Не постои безбедно ниво на изложеност на пасивно пушење.
- Кај возрасните, пасивното пушење предизвикува сериозни кардиоваскуларни и респираторни заболувања, вклучувајќи коронарна срцева болест и рак на белите дробови. Кај доенчињата предизвикува ненадејна смрт. Кај бремени жени предизвикува ниска родилна тежина за новороденчето.
- Речиси половина од децата редовно дишат воздух кој што е загаден со чад од тутун на јавни места.
- Пасивното пушење предизвикува повеќе од 890 000 предвремени смртни случаи годишно.
- Во 2004 година, децата учествуваа со 28% од смртните случаи што им се припишуваат на пасивното пушење.
Секој човек треба да има можност да дише воздух во кој што нема чад од тутун. Законите против пушење го штитат здравјето на непушачите, популарни се, не им наштетуваат на бизнисите и ги поттикнуваат пушачите да се откажат.
Над 1,4 милијарди луѓе, или 20% од светското население, се заштитени со сеопфатни национални закони против пушење.
Корисниците на тутун имаат потреба од помош за да се откажат
Истражувањата покажуваат дека малкумина ги разбираат специфичните ризици по здравјето од употребата на тутун. На пример, анкетата од 2009 година во Кина откри дека само 38% од пушачите знаеле дека пушењето предизвикува коронарна срцева болест, а само 27% знаеле дека предизвикува мозочен удар.
Повеќето од пушачите кои се свесни за опасностите од тутунот, сакаат да се откажат од истиот. Советувањето и лекувањето можат повеќе од двојно да ја зголемат шансата за успех на пушачот кој се обидува да се откаже.
Сеопфатните национални услуги наменети за откажување од пушење кои што имаат целосна или делумна покриеност на трошоците, се достапни за пушачите во само 26 земји, што претставува опфатеност на 33% од светската популација.
Сликичките со предупредување дејствуваат
Критичните реклами против тутун и графичките предупредувања на опаковките – особено оние што содржат слики – го намалуваат бројот на деца кои почнуваат да пушат и го зголемуваат бројот на пушачи кои се откажуваат.
Графичките предупредувања може да ги убедат пушачите да го заштитат здравјето на непушачите преку помалку пушење во домот и да избегнат пушење во близина на децата. Студиите спроведени по имплементирањето на сликовните предупредувања во Бразил, Канада, Сингапур и Тајланд постојано покажуваат дека значително се зголемува свеста на луѓето за штетите што ги предизвикува тутунот.
78 земји, кои претставуваат 47% од светското население, ги исполнуваат најдобрите практики за сликовни предупредувања, кои ги вклучуваат предупредувањата на локалниот јазик и опфаќаат во просек, најмалку половина од предната и задната страна на цигарите.
Масовните медиумски кампањи, исто така, можат да ја намалат потрошувачката на тутун со тоа што ќе влијаат на луѓето да ги заштитат непушачите и ќе ги убедат младите да престанат да користат тутун.
Околу 44% од светското население живее во 43 земји кои имаат емитувано најмалку една силна масовна анти-тутунска медиумска кампања во последните 2 години.
Забраната за рекламирање ја намалува потрошувачката
Забраната за рекламирање, промовирање и спонзорство на тутунот може да ја намали потрошувачката на тутун.
- Сеопфатната забрана за рекламирање, промоција и спонзорство на тутунот може да ја намали потрошувачката на тутун во просек за околу 7%, при што во некои земји падот на потрошувачката достигнува до 16%.
- Само 37 земји, кои претставуваат 15% од светското население, целосно ги забранија сите форми на рекламирање, промовирање и спонзорство на тутун.
Даноците ја спречуваат употребата на тутун
Даноци за тутунски производи се најрентабилен начин за намалување на употребата на тутун, особено кај младите и сиромашните. Зголемувањето на даноците ги зголемува цените на тутунот за 10% , а ја намалува потрошувачката на тутун за околу 4% во земјите со висок приход и околу 5% во земјите со низок и среден приход.
Сепак, високите даноци за тутун се мерка што ретко се спроведува. Само 32 земји, што е 10% од светското население, воведоа даноци за тутунски производи, така што повеќе од 75% од малопродажната цена е данок. Приходите од даноци за тутун се во просек 250 пати повисоки од трошоците за контрола на тутунот, базирани на достапните податоци.
Незаконската трговија со тутунски производи мора да се прекине
Незаконската трговија со тутунски производи претставува голема здравствена, економска и безбедносна загриженост низ целиот свет. Се проценува дека една на секои 10 цигари и тутунски производи кои што се консумираат на глобално ниво се нелегални. Незаконскиот пазар е поддржан од разни играчи – од ситни трговци до организирани криминални мрежи кои што се вклучени во трговијата со оружје и луѓе.
Избегнувањето на данокот (законито) и даночното затајување (незаконито) ја ослабуваат ефективноста на политиките за контрола на тутунот, особено повисоките даноци за тутунот. Овие активности се движат од легални активности како што се набавување тутунски производи од пониски даночни обврзници (јурисдикции), па сé до илегални, како што се криумчарење, нелегално производство и фалсификување.
Тутунската индустрија и други често тврдат дека високите даноци на тутунски производи доведуваат до затајување данок. Сепак, доказите покажуваат дека слабото владеење, високото ниво на корупција, слабата владина заложба за справување со недозволен тутун, неефикасната царинска и даночна администрација и неформалните канали за дистрибуција на тутунски производи, честопати се еднакви или поголеми од неоданочените фактори.
Постои широка согласност дека од контролата на нелегалната трговија бенефит (корист) има процесот за контрола на тутунот и јавното здравје и резултира со поширока корист за владите. Критично, ова ќе ги намали предвремените смртни случаи кои што настануваат поради употребата на тутун и ќе ги зголеми даночните приходи за владите. Стопирањето на недозволената трговија со тутунски производи е здравствен приоритет и е остварливо, но, за тоа е потребно подобрување на националните и суб-националните системи за даночна администрација и меѓународна соработка. Протоколот на Рамковната конвенција на СЗО за контрола на тутунот за елиминирање на недозволената трговија со тутунски производи е клучната понудена политика за намалување на употребата на тутунот и неговите здравствени и економски последици.
Додека јавно се искажува поддршката за акција против нелегалната трговија, однесувањето “позади сцена” на тутунската индустрија е многу различно. Внатрешно индустриските документи објавени како резултат на судски спорови покажуваат дека тутунската индустрија активно ја негува нелегалната трговија на глобално ниво. Таа, исто така, работи на блокирање на спроведувањето на мерките за контрола на тутунот, како што се зголемувањата на даноците и сликовните предупредувања, преку погрешните тврдења дека ќе ја поттикнат незаконската трговија.
Искуствата од многу земји покажуваат дека незаконската трговија може успешно да се реши дури и кога се зголемуваат даноците и цените на тутунот, што резултира со зголемени даночни приходи и намалување на употребата на тутун. Спроведувањето и применувањето на силни мерки за контрола на недозволената трговија ја зголемува ефективноста на значително зголемените даноци и цени на тутунот, како и силните политики за контрола на тутунот, во намалувањето на користењето на тутунот и неговите здравствени и економски последици.
Одговор на СЗО
СЗО е посветена на борбата против глобалната епидемија на тутун. Рамковната конвенција на СЗО за контрола на тутунот стапи во сила во февруари 2005 година и денес има 181 членка која опфаќа повеќе од 90% од светското население.
Рамковната конвенција на СЗО за контрола на тутунот претставува пресвртница во промовирањето на јавното здравје. Тоа е договор врз основа на докази кој го потврдува правото на луѓето на највисокиот стандард на здравје, обезбедува правни димензии за меѓународната здравствена соработка и поставува високи стандарди за усогласување.
Во 2008 година, СЗО воведе практичен и економичен начин за зголемување на спроведувањето на главните одредби за намалување на побарувачката од Рамковната конвенција на СЗО за контрола на тутунот на теренот: MPOWER. Секоја мерка на MPOWER одговара на најмалку 1 одредба од Рамковната конвенција на СЗО за контрола на тутунот.
Шестте MPOWER мерки се:
- Следење на политиките за употреба и превенција на тутун
- Заштита на луѓето од употребата на тутун
- Нудење помош за откажување од тутунот
- Предупредување за опасностите од тутунот
- Спроведување на забрани за рекламирање, промовирање и спонзорство на тутун
- Зголемување на даноците за тутун.
За повеќе детали за напредокот направен за контрола на тутунот на глобално, регионално и државно ниво, ве молиме погледнете ги серијата извештаи на Светската здравствена организација за глобалната епидемија на тутун.
- СЗО извештај за глобалната тутунска епидемија 2017
Протоколот за елиминирање на недозволената трговија со тутунски производи бара широк спектар на мерки кои се однесуваат на синџирот на снабдување со тутун, вклучувајќи и лиценцирање на увоз, извоз и производство на тутунски производи; воспоставување системи за следење и наметнување на казнени санкции врз одговорните лица за нелегална трговија. Исто така, ќе го намали нелегалното производство и прекуграничното криумчарење. Протоколот за елиминирање на недозволената трговија со тутунски производи, прв протокол на Конвенцијата, беше усвоен во ноември 2012 година на петтата седница на Конференцијата на членовите во Сеул, Република Кореја, а во моментов е отворен за ратификација, прифаќање, одобрување или согласување од страна на членките потписнички на Рамковната конвенција на СЗО за контрола на тутунот.
Листа на факти за здравствените придобивки од откажување од пушење
- Постојат итни и долгорочни здравствени придобивки од престанување со пушење, за сите пушачи.
Корисни здравствени промени што се случуваат:
- Во рок од 20 минути, вашиот срцев ритам и крвниот притисок се намалуваат.
- По 12 часа, нивото на јаглерод моноксид во вашата крв паѓа на нормала.
- По 2-12 недели, вашата циркулација се подобрува и вашата функција на белите дробови се зголемува.
- После 1-9 месеци, се намалуваат кашлањето и немањето воздух.
- После 1 година, вашиот ризик од коронарна срцева болест е намален за околу половина за разлика од ризикот на пушачот.
- За 5 години, вашиот ризик од мозочен удар е намален како на непушач, 5 до 15 години по престанок на пушењето.
- За 10 години, вашиот ризик од рак на белите дробови паѓа на околу половина од ризикот кој го има пушачот, но и вашиот ризик од рак на устата, грлото, хранопроводникот, мочниот меур, грлото на матката и панкреасот.
- 15 години, ризикот од коронарна срцева болест е како оној на непушачите.
- Луѓето од сите возрасти кои имаат здравствени проблеми поврзани со пушењето, сепак може да имаат корист од откажувањето од пушење.
Придобивки во споредба со оние кои продолжија:
- На околу 30: добивате продолжување на скоро 10 години од животниот век.
- Околу 40: добивате продолжување за 9 години на животниот век.
- Околу 50: добивате продолжување за 6 години на животниот век.
- На околу 60: добивате тригодишно продолжување на животниот век.
- После појавување на животозагрозувачка болест: брза корист, луѓето кои се откажуваат од пушењето после срцев удар ги намалуваат шансите за друг срцев удар за 50%.
- Откажувањето од пушење го намалува ризикот од многу болести поврзани со пасивното пушење на децата.
Откажувањето од пушење го намалува ризикот од многу болести поврзани со чадот од пасивното пушење кај децата, како што се респираторните заболувања (на пример, астмата) и инфекциите на уво.
- Други придобивки.
Откажувањето од пушење ги намалува шансите за импотенција, тешкотии во забременувањето, предвремено раѓање, новороденчиња со ниска родилна тежина и спонтан абортус.
- Текстот е превземен од http://www.iph.mk/svetski-den-bez-tutun-2/