Светскиот ден на контрацепција се одбележува секоја година на 26 ти септември.
Целта на одбележувањето на Светскиот ден е да се подигне свесноста за сите достапни методи на контрацепција и да им се овозможи на младите луѓе да направат соодветен и правилен избор за нивното сексуално и репродуктивно здравје.
На Меѓународната конференција за население и развој (ICPD) во Каиро во 1994 година сега покојниот др Нафис Садик, поранешен извршен директор на УНФПА и основач на значајни програми за акција на ICPD, ја пренесе често цитираната вистина:”Здрави семејства се создаваат по избор, не по случајност”.
Во Каиро делегатите на 179 влади ја потврдија, Програмата за акција, која ги призна репродуктивното здравје и правата, вклучително доброволно планирање на семејство- како основа за развојот и дека зајакнувањето на жените и родовата еднаквост се неопходни за општествата да напредуваат. Правото на жената да го избере бројот, времето и растојанието помеѓу раѓањето на нејзините деца е фундаментално. Контрацепцијата е составен дел од нејзиното одлучување. Придобивките се многукратни: намалена смртност и инвалидитет кај мајката ,смртност или морбидитет кај новороденчето, детска и несакана бременост и намалување на бројот на абортуси. Машките и женските кондоми можат да ги намалат сексуално преносливите инфекции. Девојките и жените ќе можат да ги планираат своите семејства а со тоа ќе имаат поголеми можности да го остварат својот потенцијал.Тие можат да продолжат со образованието да учествуваат и да придонесуваат за економијата што ќе доведе до просперитетни правични и стабилни општества.
Бројот на жени кои сакаат да користат контрацепција при планирање на семејство значително се зголемил во текот на изминатите две децении, од 900 милиони во 2000 година на скоро 1,1 милијарда во 2020 година. Стапката на преваленца на контрацепција се зголемила од 47,7 % на 49,0 %. До 2030 година се предвидува да се додадат дополнителни 70 милиони жени.
На глобално ниво, бројот на незадоволената потреба за контрацепција останува многу висока поради недостатокот на услуги за планирање на семејство.
Многу објавени студии укажуваат на тоа дека употребата на модерната контрацепција е под влијание на голем број фактори: социоекономски, демографски, географски, културни како и психолошки фактори.
Модерна контрацепција
Современит методи на контрацепција се иновативни решенија со цел париовите да можат да возвратат на природниот импулс и желбата со намалени ризици од бременост и несакани сексуално преносливи инфекции. Современите методи се технолошки напредок, дизајнирани да ја надмине биологијата. Во овој поглед, модерните методи им овозможуваат на паровите да имаат сексуален однос во секое посакувано време.
Современите методи на контрацепција вклучуваат:
- Орални хормони
- Таблети
- Интраутерина влошка
- Женски и машки кондоми
- Инјекции
- Имплант
- Женска и машка стерилизација
- Метод на лактациона аменореа и итна контрацепција
За повеќе информации за видот на контрацептивните средства одете на “прозорчето” -Планирање на семејство, на веб страната на страната: iph.mk
Употребата на модерни контрацептивни средства спречува околу 308 милиони несакани бремености секоја година ширум светот. Околку 15 милиони адолесценти користат модерна контрацепција, додека 23 милиони немаат пристап до модерни контрацептивни средства и затоа се изложени на зголемен ризик од несакана бременост и ризик од сексуално преносливи инфекции.
Во Република Северна Македонија од Извештајот на службата за здравствена заштита на жени при прикажаните гинеколошки посети во 2021 година се ординирани зголемен број на контрацептивни средства за разлика од минатата година.Трендот на зголемување и поголемиот опфат на посети се должи поради намалениот број на заболени пациенти со COVID -19 и поголемата достапност и посетеност на гинеколошките ординации. Во 2020 година вкупниот број на посети за ординирање на контрацептивни средства е 2156 додека во 2021 година бројот е зголемен на 6341 пациент. Според видот на контрацептивни сретства на прво место е оралната контрацепција која е ординирана кај 1792 пациентки.
Во Република Северна Македонија пристапот и достапноста до модерна контрацепција е ограничен поради повеќе бариери и фактори. Високите цени на пазароти како и мал и ограничен избор од одреден продукт; невработеност и сиромаштија; недоволна информираност на младите за видот и начинот на користење на контрацептивните средства; стигма и недостаток на информации; застарени и неревидирани извори за информирање на младите.
Потребна е континуирана едукација и промоција за заштитата на здравјето на жените и мажите. Преку едукативни сеопфатни програми во образовниот процес но и надвор од него да вклучуваат едукација за род, човекови права и сексуалност.
Поттик за контрола врз сопственото здравје, едукација за изборот на најсоодветна контрацепција за себе и за својот партнер.
Текстот го подготви
Д-р Петар Пецев - Специјалист по Социјална медицина и јавно здравје