Потребна ни е храна, а не тутун
На 31 Мај 2023 година, Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија, во соработка со СЗО, го одбележува Светскиот ден без тутун.
Темата на настанот за оваа година е: „Потребна ни е храна, а не тутун“. Глобалната кампања за 2023 година има цел да ја подигне свеста за алтернативното растително производство и можностите за да се поттикнат тутунарите да одгледуваат одржливи, хранливи култури, кои не се штетни по здравјето. Исто така, ќе има за цел да ги открие напорите на тутунската индустрија во обидите да го спречи заменувањето на одгледување тутун со одржливи култури, а со тоа да придонесе за глобалната криза со храна.
Растечката криза со храна е поттикната од различни конфликти и војни, климатски шокови и економските и социјалните влијанија на пандемијата со Ковид-19.
Секоја година ширум светот околу 3,5 милиони хектари земјиште се пренаменува за одгледување тутун. Одгледувањето тутун, исто така, придонесува за уништување на шуми од околу 200 000 хектари годишно.
Одгледувањето бара голема употреба на пестициди и ѓубрива, кои придонесуваат за деградација на почвата.
Земјиштето што се користи за одгледување тутун потоа има помал капацитет за одгледување други култури, бидејќи тутунот ја осиромашува плодноста на почвата.
Во споредба со другите земјоделски активности, како што се одгледувањето на пченка, па дури и пасењето на добиток, одгледувањето тутун има многу повеќе деструктивно влијание врз екосистемите, бидејќи земјоделските површини со тутун се повеќе склони кон опустошување.
Секој профит што ќе се добие од тутунот како готовинска култура може да не ја надомести штетата направена за одржливото производство на храна во земјите со низок и среден приход. Наспроти ова, постои итна потреба да се преземат законски мерки за намалување на одгледувањето тутун и да им се помогне на земјоделците да преминат во производство на алтернативни прехранбени култури.
Тутунската индустрија често се прикажува како поборник за егзистенција на тутунарите. Ова е далеку од вистината. Интензивното ракување со инсектициди и токсични хемикалии за време на одгледувањето тутун придонесува многу земјоделци и нивните семејства да страдаат од лошо здравје. Понатаму, неправедните договорни аранжмани со тутунските компании ги одржуваат земјоделците осиромашени, а детскиот труд кој често се вткајува во одгледувањето тутун го попречува правото на образование и претставува кршење на човековите права.
Девет од 10-те најголеми производители на тутун се земји со низок и среден приход, а 4 од нив се дефинирани како земји со ниски приходи со дефицит на храна.
Република Северна Македонија, според податоците на СЗО спаѓа во 50-те најголеми одгледувачи на тутун во светот, односно е 19-ти најголем производител на тутун во светот, а во Европа сме втор најголем одгледувач.
Кампањата за светскиот ден без тутун за 2023 година ги повикува владите и креаторите на политики да го засилат законодавството, да развијат соодветни политики и стратегии и да им овозможат услови на тутунарите, да се префрлат на одгледување прехранбени култури, што ќе им овозможат на нив и на нивните семејства подобар живот. Рамковната конвенција на СЗО за контрола на тутунот нуди специфични принципи и политички опции за промоција на економски одржливи алтернативи за тутунските работници, одгледувачите и индивидуалните продавачи (наведени во член 17) и за зајакнување на заштитата на животната средина и здравјето на луѓето (член 18 ). Имплементацијата на овие одредби треба да се зајакне во земјите.
Препораки за земјите во кои се одгледува тутун:
- Барајте политичка поддршка преку програмите за поддршка на земјоделците да се префрлат на алтернативни земјоделски култури.
- Понудете субвенции за одгледување (квалитетни семиња, ѓубрива или земјоделска опрема), за да се поттикнат земјоделците да ја направат промената доколку немаат финансиски средства
- Услуги за проширување во форма на обука и технички совети за земјоделството, како и поддршка за земјоделците да пристапат до потребните набавки и услуги за земјоделско производство, а со тоа да се зголеми приходот.
- Програми за подобро поврзување на земјоделците со купувачите на здрави, отпорни, локални и одржливи култури, за да им се обезбеди остварлив пазар кога ќе се оддалечат од тутунот.
- Поддржете го развојот на земјоделските задруги, за да помогнете во создавањето на силна размена на информации и механизам за трансфер на знаење, како и да се намали ризикот од преминување кон нетутунски култури.
- Поддржете ги стратегиите за диверзификација кои се водени од побарувачката и спроведуваат политики засновани на динамиката на пазарот.
- Поставете ја отчетноста на тутунската индустрија за ризиците што ги носи животната средина и за здравствените ефекти од одгледувањето и производството на тутун.
- Работа со владините служби за јавно здравје и претставници на локалната самоуправа за да се сензибилизираат земјоделците за придобивките од оттргнувањето од тутунот и кои алтернативи се достапни.
Борбата против употребата на тутун не запира, со бројните истражувања низ годините дознаваме се повеќе и повеќе за штетноста на оваа индустрија врз животот на населението на различни начини. Ние како еден од најголемите одгледувачи на тутун во светот, треба да направиме посебни напори во намалувањето на производството и замена на тутунот со алтернативни поздрави култури. Само така може да го подобриме здравјето и на тутунарите и на останатите граѓани.
ЈЗУ Центар за јавно здравје - Струмица
Подговил Д-р Петар Пецев - Специјалист по Социјална медицина и јавно здравје