Print this page
Среда, 16 Ноември 2022 07:22

14 НОЕМВРИ – СВЕТСКИ ДЕН ПРОТИВ ДИЈАБЕТ Featured

,,Пристап до образование за Дијабет”

 

Дијабетот е хронично метаболно заболување, кое се карактеризира со покачено ниво на глукоза во крвта, поради недостаток или нарушена секреција на инсулин од панреасот. Покаченото ниво на шеќерот во крв  доведува до сериозно оштетување на срцето, крвните садови, бубрезите, очите и нервите.  100 години после откривање на инсулинот, милиони луѓе со дијабет ширум светот немаат пристап до соодветна нега. Светскиот ден на дијабетес дава можност да се подигне свеста за дијабетесот како глобално јавно здравствено прашање и што треба да се направи, колективно и индивидуално, за подобра превенција, дијагноза и лекување на  состојбата. Овогодинешната тема, „пристап до образование за дијабетес“, ја поткрепува темата за 2021-2023 година „пристап до грижа“.

Околу 463 милиони луѓе ширум светот имаат Дијабет, а повеќето од нив живеат во земји со низок и среден приход. Во 2019 година, околу 9,3% од светската популација има дијабетес, а со линеарниот пораст низ годините, се претпоставува дека оваа бројка ќе се искачи до 11% во 2045 година. Околу 1.5 милиони смртни случаи биле директно предизвикани од дијабетот за истата година, а дополнителни 2.2 милиони смртни случаеви се препишуваат на состојбата на хипергликемија во кртвта. Тоа го прави дијабетот една од водечките причини за смрт меѓу луѓето. Експанзивното зголемување на епидемијата на дијабетес оди рака под рака со порастот на нејзините фактори на ризик.  Зголемувањето на факторите на ризик за дијабетес е алармантно кај децата и адолесцентите. 42 од 100 адолесценти и 36 од 100 деца се со прекумерна тежина или дебели, додека 81 од 100 адолесценти се недоволно физички активни.

Во Република Северна Македонија, според регистарот за шеќерна болест за 2021 година, објавен од Институтот за Јавно Здравје,  бројот на ново регистрирани новодијагностицирани болни со дијабет изнесува 7,460 случаи, односно инциденца  од 359,9 а вкупната преваленца изнесува 135,690 случаи, односно стапка од 6,547

Дијабет тип 1

Дијабетот тип 1 (инсулин-зависен дијабет, јувенилен или детски дијабет) се карактеризира со целосно отсуство на секреција на инсулин од панкреасот и бара дневна администрација на инсулин. Причините за него се непознати, но се претпоставува дека се јавува автоимуна деструкција на              β-клетките на панкреасот. Главни симптоми се зголемена екскреција на урина (полиурија), жед (полидипсија), глад (полифагија), прекумерно губење на тежината, замор и друго.

Дијабет тип 2

Дијабетот тип 2 (инсулин-независен дијабет) е резултат на неефикасната употреба на инсулинот од телото. Физичката неактивност, прекумерната телесна тежина, исхраната како и фамилијарната историја се главните причини за Дијабет тип 2. Главните симптоми се генерално слични со тие на Дијабетот тип 1, но често се помалку изразени. Како резултат на тоа, дијабетот може да се дијагностицира неколку години од почетокот на болеста , откако веќе се јавени компликации. Поради оваа причина, важно е да се внимава на факторите на ризик.  Дијабетот тип 2 се почесто се јавува и кај помладата популација.

Гестациски Дијабет

Гестациски дијабет е состојба на покачени вредности на шеќерот во крв, но под оние дијагностички вредности за дијабетот. Тој се јавува за време на бременоста. Жените со гестациски дијабет се изложени на зголемен ризик од компликации за време на бременоста и породувањето. Овие жени и нивните деца имаат зголемен ризик за јавување на Дијабет тип 2 во иднина.

Нарушена толеранција на глукоза (IGT) и нарушена гликемија на гладно (IFG)

Овие преддијабетни состојби, претставуваат транзицијата пред дијабетот, иако тоа не мора да се случи. Се карактеризираат со состојба на покачена гликемија, но недоволно за да се дијагностицира дијабет. Луѓето во преддијабетна состојба можат да превенираат јавување на Дијабет тип 2 во иднина со здрава исхрана, зголемана физичка активност и менаџирање на стресот.

Дијабетесот тип 1 во моментов не може да се спречи. Достапни се ефективни пристапи за спречување на дијабетес тип 2, како и спречување на компликации и прерана смртност како што се редовната физичка активност, здравата исхрана, избегнување на  пушењето, контрола на крвниот притисок и липидите во крвта, употреба на лекови доколку е потребно, со цел подобро здравје и спречување на компликации. Нетретиран дијабет пројавува бројни компликации кои се јавуваат поради оштетување на малите крвни садови на очите (ретинопатија која може да доведе до слепило), бубрезите (нефропатија), нервите (невропатија), улцери и инфекции на стапалото, кардиоваскуларни болести, мозочен удар и друго.

Што можеме да направиме за да го контролираме дијабетот?

  • Превенција на дијабетес и неговите фактори на ризик, особено прекумерна тежина/дебелина и недоволна физичка активност.
  • Скрининг за дијабетес кај општата популација и внимателно следење на ризичната популација.
  • Подобрување на дијагностичкиот капацитет на здравствените услуги за дијабетес.
  • Континуирано следење на луѓето кои живеат со дијабетес.
  • Пристап до квалитетно образование за дијабетес, кое гарантира соодветна обука на здравствениот тим, луѓето кои живеат со дијабетес, нивната непосредна околина, нивните старатели и општеството воопшто.
  • Пристап до основните лекови и технологии за дијабетес, вклучително и инсулин.
  • Информациски системи за собирање податоци за следење и надзор на дијабетес.

 

Текстот е превземен од

http://www.iph.mk/14-noemvri-svetski-den-protiv-dijabet-2/